preloader

Пон-пет (7:30 - 19:30)

Викенд - итни случаи

Бледски Договор 2

(Поликлиника Букурешт)

Edit

За нас

Д-р Марија Михајлова е специјалист по семејна медицина, која повеќе од 20 години работи во примарното здравство. Како матичен лекар, ординацијата на д-р Михајлова овозможува здравствени услуги од примарна заштита и го следи здравјето на секој матичен пациент. 

Контакт информации

Што треба да знаете за вакцината против КОВИД-19

 Што треба да знаете за вакцината против КОВИД-19

Вакцините против КОВИД-19, во комбинација со ефективно тестирање и со придржување кон постојните мерки, се од пресудна важност за да се стави пандемијата под контрола. Со неколку потенцијални вакцини одобрени од Светската здравствена организација, земјите, вклучително и  Македонија, започнаа со имунизација против КОВИД-19.

Заканата по децата предизвикана од КОВИД-19 е огромна и оди многу подалеку од непосредните физички ефекти од болеста. Со оглед на тоа што ограничувањата за останување дома и натаму продолжуваат или повторно се наметнуваат, пристапот на децата до основните здравствени услуги може да биде сериозно засегнат. Намалениот рутински опфат со здравствена заштита и рецесијата што е на повидок го загрозуваат здравјето и иднината на цела генерација деца. Подолу се дадени одговорите на најчестите прашања што може да ги имате во врска со вакцините против КОВИД-19.

Дали се безбедни одобрените вакцини за КОВИД-19?
Да. За да бидат одобрени за употреба, вакцините против КОВИД-19 мора да ги исполнуваат највисоките стандарди за безбедност и делотворност. Иако беа развиени во рекордно време, во овој процес, системите за тестирање, проценка на резултатите и одобрување на вакцината не станаа помалку ригорозни. Светската здравствена организација (СЗО) внимателно го следи воведувањето на сите вакцини за КОВИД-19.

Како функционираат вакцините?
Вакцините го учат нашиот имунолошки систем да гради специфични антитела против вируси и бактерии или нивни токсини што предизвикуваат болести. Со тоа нашиот организам се опремува за борба против нив дури и без претходно да се разболите. Значи, во иднина, кога организмот ќе наиде на вируси или бактерии против кои има вакцини, тој веќе знае како да ги победи.

Кои се разликите меѓу разните видови вакцини за КОВИД-19?
Развиени се или се развиваат неколку видови вакцини против КОВИД-19, вклучувајќи и:

Вакцини со деактивирани или ослабени вируси, во кои се користи деактивирана или ослабена форма на вирусот што не предизвикува болест, туку предизвикува имунолошка реакција.

Вакцини врз основа на протеини, во кои се користат безопасни делчиња од протеини или протеински делови кои го имитираат вирусот на КОВИД-19 за да се предизвика безбедна имунолошка реакција.

Вирусни векторски вакцини, во кои се користи безопасен вирус што носи протеини од корона вирус за да се предизвика безбедна имунолошка реакција.

Вакцини со нуклеинска киселина (мРНК) каде се користи генетски модифицирана РНК за да се создаде протеин којшто самиот ќе предизвика имунолошка реакција.

Може ли да се разболам со КОВИД-19 од вакцината?
Не. Ниедна од сегашните вакцини не содржи жив вирус што предизвикува КОВИД-19. Ова значи дека вакцината не може да нè разболи со КОВИД-19. Лесните симптоми пријавени од вакцинирани лица (болка, црвенило на кожата на местото на инјектирање, главоболка и покачена температура) се само доказ дека се активирал вашиот имунолошки систем.

Дали вакцините против КОВИД-19 може да ја променат мојата ДНК?
Не. Дури и вакцините наречени мРНК не ја менуваат, ниту било како содејствуваат со вашата ДНК. Вакцините мРНК им даваат инструкции на нашите клетки како да направат протеин којшто активира имунолошка реакција и потоа веднаш се раствора. Со ова се гради имунитет против вирусот кој предизвикува КОВИД-19. На тој начин, мРНК (т.е. инструкциите) од вакцината воопшто не влегува во јадрото на клетката, каде што се наоѓа нашата ДНК.

Дали е безбедно да примам вакцина против КОВИД-19 ако имам некаква хронична здравствена состојба?
Вакцините за КОВИД-19 може да се дадат на лица со хронични здравствени состојби под услов да немале сериозна или директна алергиска реакција на некоја од состојките во вакцината. Во контекст на ограничени количества, вакцинацијата приоритетно се препорачува за лица со коморбидитет(и), како што се хронични респираторни заболувања, хронични кардиоваскуларни заболувања, дебелина и дијабетес, при што за сите е утврдено дека го зголемуваат ризикот од тешка манифестација на КОВИД-19 и хоспитализација.

Колку дози вакцини за КОВИД-19 треба да се земат и во кој временски интервал?
Повеќето вакцини налагаат повеќе од само една доза. Ако се препорачува втора доза (или повеќе), целта е да се зајакне имунитетот за оптимална и подолга заштита. Секогаш е најдобро да се примат сите препорачани дози во препорачаното време. Ако втората доза несакајќи се одложи, треба да се даде што поскоро потоа, во согласност со упатството на производителот.

Може ли да се вратам на нормален живот откако ќе се вакцинирам?
Ќе биде потребно извесно време за да се вакцинираат соодветен број луѓе. Исто така, сè уште не е сигурно дали вакцинацијата ќе спречи пренесување и ќе го заштити вакцинираното лице од тешки симптоми. Токму ова се причините зошто и откако ќе ја примиме вакцината, треба и натаму да практикуваме носење маски, физичко дистанцирање и лична хигиена.

Ако веќе сум имал/а КОВИД-19 и сум закрепнал/а, дали сè уште треба да примам вакцина против КОВИД-19?
На сите треба да им биде понудена вакцината за КОВИД-19, без оглед дали претходно биле заразени. Сепак, оние кои во моментов се заразени со КОВИД-19 треба да ја одложат вакцинацијата сѐ додека не им помине болеста и откако ќе ги исполнат критериумите на нивните здравствени власти за прекинување на изолацијата.

Со оглед на тоа што лицата кои имале КОВИД-19 развиваат имунитет што трае барем неколку месеци по болеста, здравствените власти може да одлучат да го одложат нивното вакцинирање со цел да ги искористат расположивите количества за оние кои сè уште не се заболени и сè додека не станат достапни повеќе вакцини.

Откако ќе се вакцинирам, колку долго ќе трае имунитетот од вакцината?
Сè уште нема доволно научни докази за траењето на имунитетот по вакцинацијата, иако неколку земји веќе го проучуваат тоа. Ова е уште една причина зошто треба и натаму да носиме маски, физички да се дистанцираме и да водиме сметка за личната хигиена, дури и откако ќе добиеме една доза вакцина или кога целосно ќе се вакцинираме според препорачаниот распоред.

Кога може да очекувам да примам вакцина?
Постои огромна побарувачка за вакцини против КОВИД-19 во светот и количествата сè уште се ограничени, што значи дека сите нема да можат истовремено да ја примат вакцината. На сите земји им е потребен пристап до безбедни и ефективни вакцини против КОВИД-19; а во самите земји, првите серии треба најпрво да им се дадат на лицата со најголем ризик од инфекција, сериозна болест или смрт. Ова ги опфаќа здравствените работници кои се грижат за пациенти со КОВИД-19, постарите лица, па последователно, и лицата со одредени хронични здравствени состојби. Посетете ја официјалната веб-страница на Владата за да дознаете повеќе за националниот план на вакцинирање.

Дали моето дете треба да прими вакцина против КОВИД-19?
Според планот КОВАКС, првите дози вакцини испратени во земјите се наменети за здравствените работници и лицата со висок ризик од тешки симптоми на болеста, како што се постарите лица или лицата со хронични состојби, па веројатно нема да им се даваат на децата. Овие групи се приоритетни за да се намали морбидитетот од КОВИД-19 и за да се потпомогне заштитата на здравствениот систем кој им служи на сите. Упатствата и достапноста може да се менуваат како што дознаваме повеќе, па затоа, добро би било да проверите сигурни извори како СЗО или Министерството за здравство.

Но, важно е да се погрижите вашето дете и натаму да прима рутински вакцини според планот. Прочитајте како тоа да го направите безбедно.

Дали мајките што дојат треба да примат вакцина за КОВИД-19?
Доењето има значителни здравствени придобивки за доилките и доенчињата. Се очекува делотворноста на вакцините да биде слична кај доилките како и кај другите возрасни. Сепак, нема податоци за безбедноста на вакцините против КОВИД-19 кај жени што дојат или за ефектите од вакцините мРНК врз доенчињата. Бидејќи вакцината не е вакцина со жив вирус, а мРНК не влегува во јадрото на клетката и бргу се распаѓа, малку е веројатно да претставува биолошки и клинички ризик за доенчето. Врз основа на ваквите согледувања, на доилки што се дел од препорачана група за вакцинација, на пр., здравствени работници, треба да им се понуди еквивалентна вакцинација. СЗО не препорачува прекинување на доењето по вакцинирањето.

Треба ли бремените жени да примат вакцина против КОВИД-19?
Бремените жени се во поголем ризик од тешки симптоми на КОВИД-19 во споредба со жените на репродуктивна возраст кои не се бремени, а КОВИД-19 се поврзува со поголем ризик од предвремено породување.

СЗО препорачува да не се користи вакцина за КОВИД-19 во бременоста, освен ако придобивките од вакцинирањето на бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици, како на пример кај здравствените работници со висок ризик од изложеност и бремените жени со коморбидитет, поради што спаѓаат во групата со висок ризик од тешки симптоми на КОВИД-19.

Како можам да го заштитам семејството додека не добиеме вакцина за КОВИД-19?
Еве неколку мерки на претпазливост што вие и вашето семејство може да ги преземете за да избегнете инфекција:

Често мијте ги рацете со сапун и со вода или со гел врз база на алкохол

Држете барем 1 метар растојание меѓу себе и другите

Побарајте лекарска помош рано ако вие или вашето дете имате треска, кашлица, отежнато дишење или други симптоми на КОВИД-19

Избегнувајте преполни места, ограничени и затворени простори со слаба вентилација, и обидете се да практикувате физичко дистанцирање од луѓето во јавност

Носете маска кога сте на јавни места каде вирусот е проширен во заедницата и каде што не е можно физичко дистанцирање.

Што можам да направам за борба против дезинформации за КОВИД-19?
Дезинформациите се еден од најголемите предизвици во борбата против КОВИД-19. Познавањето на фактите е клучно за правилно да се подготвите и да се заштитите себеси и вашите најблиски. Затоа е важно да консултирате само сигурни извори кога барате информации и совети.

Извор: УНИЦЕФ.орг

Сите права се задржани, 2021

д-р Марија Михајлова - Семед